
На денешен ден пред 80 години почина проф. Мјечислав Малецки, познат полски професор од Јагелонскиот универзитет во Краков и автор на повеќе книги, од кои за нас Македонците најзначајна е капиталната книга Два македонски говори од Солунско во Сухо и Висока, во оригинал на полски јазик Dwie gwary macedońskie (Suche i Wysoka w soluńskiem). Се работи впрочем за две изданија, поточно првиот дел е издаден во 1934 година како збирка текстови од овој наш регион во Егејска Македонија и вториот дел е во вид на речник, издаден 1936 година, исто како и првиот дел во Краков.
Професорот Малецки бил познат по неколку факти, не само лингвистички туку и такви од историско значење. Пред се’ е општо познато, и покрај неговиот релативно краток живот, дека е доста плоден дијалектошки истражувач, славист и балканист, а за нас е особено значајно тоа што тој е првиот од плејадата врвни полски македонисти коишто се појавиле во подоцнежниот период. Своите научни истражувања од регионот по кој е прославуван во македонската лингвистичка ги базира главно на посебноста на македонскиот јазик. Со оглед на тоа што има студирано и во Белград, Загреб и Љубљана, меѓусебната различност на јужнословенските јазици и совршено му била добро позната. Доста храбро, како за тој период, аналитички и прецизно го посочува точниот идентитет на нашите говори во Солунско, а со тоа и функционирањето на македонскиот јазик како одделна целина во балканскиот јазичен сојуз. И во една своја подоцнежна студија вели дека „[…] во однос на прашањето дали македонските дијалекти се српски или бугарски, би одговорил дека тие не се во целост ниту српски, ниту бугарски, но дека повеќето од нив припаѓаат на поединечен дијалект (што може да се нарече македонски јазик)”. Категоричен став кој дури и во денешново совремие е доведувано во прашање од многу европски и светски лингвисти, затоа и овие тврдења на професорот Малецки можеме трајно да ги сместиме во нашиот македонски лингвистички и национален Пантеон, како еден вид надворешно признание за нашата посебност. Зборови кои и по речиси цел век се’ уште не допираат до некои европски субјекти и институции, а од кои факти зависи и нашето конечно дефинирање и целосно заокружување на процесот на интеграција кон светското семејство на цивилизирани народи и држави.
Вториот аспект, нешто помалку познат за пошироката македонска јавност, е тоа што професорот Малецки по избувнувањето на Втората светска војна (есента 1939 година) во рамките на акцијата Sonderaktion Krakau заедно со повеќе професори од најеминентниот полски универзитет, Јагелонскиот, е интерниран во германски нацистички логори. Најпрвин во Краков, потоа во Вроцлав (кој до војната се наоѓал во рамките на германскиот Трет Рајх) и на крајот бил пренесен на германска територија во Захсенхаузен и Дахау. По две години е ослободен и макотрпно и во конспирација пред нацистичкиот окупатор ја отпочнува својата активност во т.н. подземен краковски универзитет, во чијашто работа во тајност учествува и самиот Карол Војтила, подоцнежниот римски папа Јован Павле Втори. Професорот Малецки организира студии за постарите студенти на Јагелонскиот универзитет, кои иако заплашувани и следени од нацистите, сепак не се откажале од идејата за слободен проток на знаењата, за негување на полските патриотски чувства и борбата за конечно ослободување и од нацистичкиот и од советскиот окупаторски режим.
Целосно скршен од болест, тага и разочараност од повоениот развој на настаните во Полска, професорот Мјечислав Малецки починал на 3 септември 1946 година во Клоцко, југозападна Полска, каде што бил примен на лекување. Погребан е во семејната гробница во Рабка, јужна Полска, недалеку од Краков, градот во кој остави најголем белег и по него е наречена улица недалеку од славистичкиот институт при Јагелонскиот универзитет.
Искрено лично се надевам дека и во Скопје или било кој македонски град, наскоро ќе се смогнат сили соодветно и достојно да се истакне ова негово огромно дело и заслуги за нашиот македонски културен идентитет и национална меморија. Дали преку именување улица или установа, оставам на македонските власти. Професорот Мјечислав Малецки ова го заслужува дури и повеќе од некои други историски личности, коишто се одбележани на сличен начин.
Слава Му!
Во прилог скенирани трудовите на професорот Малецки под овој линк:https://polona.pl/objects?searchCategory=objectSets&page=0&size=24&sort=OLDEST©right=false&creatorForSearch=Ma%C5%82ecki,%20Mieczys%C5%82aw%20(1903-1946)
Dodaj komentarz